Новости

Јас за мене и него…

Правото име ми е Силвана, ама сосема доволно е ако ме викате Силве, впрочем, така ме викаат сите, и мајка ми и брат ми. Знаете што, раскажувајќи за мене, всушност ви раскажувам и за него. Неговото име е Антон, ама сите го викаат Тони, и доволно е. Тони е мојот сопруг, кој додека ме освојуваше пред многу години, единствен проблем или пречка во тие негови освојувачки напори беше неговиот мотор. Не, можеби поправилно ќе биде ако речам дека неговата пасија по моторите беше голем проблем да ме освои. Значи, оваа куса приказна е за мене, Силве, и за него, Тони, а ја раскажувам јас, Силве…

Не само што се плашев од моторите, туку, и ги одбегнував. Некој да успее да ме качи на мотор, си велев, често пати дури и гласно размислував пред пријателките и пријателите, нема шанси? Ма никако, ви се молам. Значи, се’, само мотор не. Можеби заради нешто што ние жените си го знаеме, а ретко јавно го кажуваме, мислам, признаваме, на вагата на љубовта, Тони со мотор или Тони без мотор, сепак натежна оној првиот тас. Плачев како мало дете кога прв пат се симнав од седиштето на неговиот мотор, кога чинам дека едвај ги одлепив рацете од неговиот струк, и целата растреперана, се фрлив во плач: „Јас повеќе не се качувам на мотор, и точка! Јас од овде ќе се вратам пешки, или со нешто друго, ама уште еднаш не се качувам на мотор!“, викав, плачев, речиси липав. А тој ме гушкаше. Е, тие први гушкања, преку кои ме смируваше, ми го отргнуваше стравот, возбудата, паниката, и навистина беа клучни повторно да седнам позади него и силно да го притиснам за половината. Тие испреплетени чувства кон Тони, од една страна, и оноа енергично НЕ кон неговиот мотор, од друга страна, ги бришеа неговите прегратки, неговите гушкања…

Сега, еве, како што веќе знаете, се подготвуваме да тргнеме на пат околу светот и да споделуваме токму такви гушки, со кои мене, мојот Тони, ми го избриша стравот од моторите, и не само тоа, туку, веќе долги години не ја пропуштаме секоја прилика да се провозиме со него. Колку километри имаме заедно поминато? Многу. Значи, во гушката беше сместена тајната која, како су гума го избриша стравот кај мене. Сега, на овоа патешествие, на светот ќе му подариме илјадници гушки од Македонија, патувајќи со мотор, откако прво истите ќе ги собереме овде во Македонија. Таквите прегратки се топли, смируваат, охрабруват, влеваат зрак надеж, ја враќаат вербата и самодовербата за смислата на вистинскиот живот. А посебно за смислата на нашиот живот, и огромната желба да го застанеме на нозе нашето прво новороденче наречено “Гушни го светот!“…

Јас сум Силве, имам 50, тој е Тони, има 60, Македонијо, доаѓаме да те гушнеме, и сите ваши прегратки, зраци на топлина, љубов и надеж да му ги пренесеме на светот…

Силве&Тони, ве гушкаат…