Новости

Предизвик и мотивација. Предизвикот е прифатен. Ракавицата е фрлена. Македонија тргнува на пат да го заобиколи светот со мотоцикл за да ја прегрне планетата. Да, симболично да ја прегрне планетата заобикуловајќи ја со споделување искрени прегратки таму каде тоа е возможно, дозволено и прифатено. Таму каде што прегратките, односно гушките, се неприфатени како начин или симбол на човековата доблест за пренесување и давање на искрена порака за човечност, другарство, пријателство, за мир и слога, за сплотеност, истото ќе се почитува, и на соодветен начин ќе се трансформира во нешто што ќе ја замени пораката на прегратката. Мотото на ова несекојдневно патување околу светот е: „Луѓе, ајде да се гушнеме.“

Симболиката во прегратките со сите народи на патот околу светот, во истиот миг ја пренесува повеќезначноста, мултиплексноста на мирољубивото срце на малата Македонија. Мотивацијата е со исклучително големи човечки димензии. Тие мигови на куси а срдечни и искрени прегратки ќе останат долго како позитивен импулс во сечие срце гушнато на патот. Тие прегратки донесени од сите цивилизации во Македонија ќе го преплават со голем букет од најразлични гушки, со најразлични мириси ќе го попрскаат ова мало парче земја во срцето на Балканот и ќе ја донесат единствената порака: Светот љуби да љуби. Луѓето бараат мир, слобода, спокој и храна. На гладните нема да им однесеме храна, ама ќе ги гушнеме. На жедните нема да им однесеме вода, ама ќе ги прегрнеме, на завојуваните нема да им донесеме мир, ама ќе ги рашириме рацете и ќе се насмевнеме за да ги прегрнеме. Тие секунди на топли и искрени прегратки се храна за гладните, вода за жедните и мир за завојуваните. Македонија го гушка светот.

Македонија го повикува светот: „Ајде да се гушнеме!“ И не е битно како, со што и од кој крај на планетава ќе тргнете за да го гушнете светот. Важно е да тргнете во правец на прегратките. “Македонија го гушка светот“ е космополитска идеја, со порака и повик до сите луѓе во светот: „Ајде да ја прегрнеме планетава, да ја заобиколиме со голема гушка да ја стоплиме каде што и’ е ладно, да ја разладиме таму каде е и’ е жешко, да ја освежиме со искрени допири на грижа и љубов, за да докажеме дека, сепак, луѓето на нејзината површина се грижат за неа на начин како што таа се грижи за нив.“ Забележувајте ги прегратките, фотографирајте ги, снимајте ги, споделувајте ги со сите останати, се додека не исплетеме венец од милијарди искрено раширени раце и насмевки кои повикуваат на здраворазумен однос помеѓу цивилизациите, ајде да се гушнеме, значи: ајде сите да ги користиме благодетите на планетава во спокој и мир, во љубов и искрени прегратки на вистински пријатели.

Македонија тргнува на пат да го гушне Светот. Чекајте не’! Маршрутата на “Македонија го гушка светот“, со брачниот пар Силвана и Тони, не е дефинирана и конечна. Таа нема почеток ниту има крај. Почетокот е крај, а крајот е почеток. Рутата е променлива и жива материја, и ќе се менува во текот на патувањето. Тоа што не е променливо на патот околу светот се прегратките со другите народи, со луѓето и цивилизациите од сите краишта, на сите крстосници, на сите патишта. Тоа што е најбитно и непроменливо, е идејата да се пренесе до крајот. Да се донесат сите собрани гушки во Македонија, да стасаат сите следбеници на идејата на почетокот на крајот, и како на крај без крај, како на крај со нов почеток, да ги донесат прегратките на сите цивилизации на планетава, да ги предадат, за други да тргнат по истата патека. Ако атлетски се изразиме, оваа идеја на брачниот пар Силвана & Тони, е штафета на “Tour de Planet,“. Зграпчи ја идејата “Македонија го гушка светот“, затоа што почнува од крајот, и завршува во бесконечноста…