Новости

Барбара Лисичкова имаше 36 години кога си го најде “момчето на својот живот”, Стојан, кој имаше цели 28 години. Се познаваа цел живот зашто и двајцата живееја на иста улица во Тафталиџе, преку три куќи. Само, куќата на Барбара беше од цврста и модерна градба и со прекрасен двор, целиот со трева и рози, а семејната куќа на Стојан беше како онаа на средното од трите прасиња. Беше стара барака од земјотресот, од финската донација за настраданите на Скопје, која, откако беше поставена, не беше никогаш бојадисана. Дворот беше преполн со стари автомобили што татко му ги собираше за делови, а имаше и канал. Тука стариот на Стојан ја поправаше само сопствената к’рнтија и ништо друго.

Стојан за Барбара, до пред некоја година, претставуваше мало момченце што си играше џамлии, кога таа се замоми и почна да излегува. Но, некако, по неговата 25-та година, како да дојде до привидно приближување во возраста и до премостување на импозантната разлика од осум години. Тогаш Барбара го забележа јадрото и височко момче, со светли очи и кусо истрижана светла коса. Додека тој и маалските бараби си седеа на гајбите пред маалскиот гранап, пиеја пива и гласно ждригаа и гнетеа мезе од дебело изделкана, како со секира, салама “Паризер”, Барбара се враќаше од некој културен настан или некоја вечера со угледните гости на Светската банка, на кои таа им беше домаќинка и преведувач. Тие беа два различни света.
Ама, како што ѓаволот во тоа време го мачела безработица (изгледа баш тогаш бил на Завод па ни орал ни копал), при неколку сукцесивни разминувања, додека оваа се паркирала со свежо измиената кола, а овој седел по гајбите со социо-патските типови, погледите им се сретнувале. Еден ден, додека Стојан и дружината весело и безгрижно си наздравувале, чаталејќи си го умот како да добијат на спортска и додека Барбара влегувала во гранапот за да купи сезонско овошје, меѓу нивните очи заискрила розова молња.

Тогаш им се излачиле некои хемикалии наречени ФЕРОМОНИ, или железни МОНИ, речено во стил на другар ми Фили. Притоа, таа излачила МОНИ со форма на железна брава, а тој излачил МОНИ во форма на железен клуч што ја отвора токму нејзината брава и оп! … Се фатиле. Само што, за жал, неговиот клуч отворал повеќе брави.

При таа средба, Господ знае како, овој нешто и’ се понудил да и’ го поправи изгребаниот браник на новиот ситроен, а таа го поканила да влезе и да се напие еден француски коњак.

По некои две години, откако се фатија и по илјада и една претходна перипетија, врзана со не-говите повремени екскурзии во постелата на него-вата бивша девојка, Барбара и Стојан се оженија и почнаа да живеат заедно во новиот стан, што го имаше неодамна купено татко и’ на Барбара.
Барбара Лисичкова беше од интелектуално семејство, од татко доктор и угледен професор. Беше растена во семејна љубов, со книги и со многу патувања. Самата беше дипломиран археолог, а работеше како секретарка во претставништвото на Светската банка. Во домот на Лисичкови секогаш имаше ведрина и многу гости. Едноставно, луѓето сакаа да бидат близу овие луѓе. Особено на нивната семејна слава, Св. Архангел Михаил, таму се точеа стотина гости. Во домот на Лисичкови имаше многу книги, уметнички слики од не толку скапи автори и по еден компјутер за секој член од семејството. Секогаш беше беспрекорно чисто. Имаше ручек на кој сите брзаа да стигнат навреме, бидејќи јадењето им прет-ставуваше свет семеен ритуал. Постојано правеа и нешто благо, за евентуални гости. Лисичкови претставуваа една господска граѓанска куќа полна со љубов и внимание за ближните.

Семејството на Стојан, пак, беше не само просто и необразовано, туку и со многу лоши ме-ѓусебни односи. Мајка му беше некоја пензионирана дактилографка од некоја фирма, ама и голема недомаќинка. Дома им беше секогаш нечисто и неуредно.

 

..:: продолжува ::..

 

      Your email address will not be published. Required fields are marked *

      *

      x

      Прочитај повеќе

      Магијата на сваќата Штрци

      Едно топло саботно утро во летото, 2007 година, во домот на младата Елена Павлова си ...

      Кола и автобус

      Тој ден ми се расипа колата. Таксито во тоа време беше отров скапо. Немав друг ...