Новости
Дома » Пишува: Боки Бургија » Зариба Моско на “Топлиќ“… Скопските кампери (3)

Главна тема на зезанции во кабината на москвичот беше средбата на мајка ми со нудистите во кампот „Црвена главица“. Кој на мајка му во таа ‘66 година во СФРЈ можел да претпостави дека нудистите остварувале свои права и слободи, па добиле и свои кампови на Јадран. Иако на Велика плажа, ние копиљаана, одевме со километри накај Бојана да ги видиме нудистите, и ги видовме, сепак, знаевме дека тоа е строго забрането, дека овие се шверцуваат овде и дека милицијата кога тогаш ќе ги избрка, за да не ја брукаат државата. Тоа беше срамота, бе. Ебиго друже судија, не сме биле у право. Таа Југославија беше либерална во многу работи, па младите слободно ги слушаа Битлси и пуштаа долги коси, се носеа „Супер Рифле“ фармерки, а движењето на Хипиците зема замав, па ете, и на нудистите им биле одредени места каде ќе можат да ги поминуваат своите летни одмори без да узбуџаваат „нормално“ васпитано социјалистичко југословенско пучанство. Стариот мој, иако инвалид, оние што го познаваат ќе потврдат дека беше исклучително духовит и секогаш расположен за мајтапење и вицеви, без комплекси и трауми од инвалидноста во однос на здравите, па иако пред мене и сестра ми се обидуваа тие муабети со мајка ми да ги камуфлираат со метафори, не бевме толку мали за да не ја разбереме нивната хумористично сатирична полемика околу тој настан на сметка на мајка ми, додека таа, неколку пати поцрвенуваше од самеење на прашањата од стариот: „Ај признај сеа колку црвени главички виде сабајлево…?“

Кутрата, беше конзервативна домаќинка, и маж и жена во нашиот дом од нејзината 32 годишна возраст. Таа беше главниот столб во семејството и се’ се вртеше околу неа. Не заради тоа што таа сакаше да биде главна, туку заради настанатата ситуација после сообраќајката во која настрада татко ми и остана инвалид, а дедо ми, татко му на татко ми загина во истата несреќа. Трагедија, голема трагедија во нашето семејство. Но, таа, мајка ми, често велеше: „Сега знам дека постои и среќа во голема несреќа.“ Во таа тешка сообраќајка, од пред две години, на ден Св. Никола 1964 година, со истиот овој москвич со кој сега ја шпартаме Јадранска магистрала како тазе кампери, без гребнатинки поминавме јас и сестра ми. Тоа и влеваше енергија и сила да ги превземе сите обврски во понатамошниот живот во заедницата. И грижата за татко ми и онаа за децата. Таа е симболот на јунаштвото во моето семејство. Јунаштво со строги, војнички критериуми, дисциплина, ред и поредок. Не се согласувавме во повеќето случаи, ама таа е тип на мајка и татко во едно, родители, кои почнуваш да го цениш со сиот сјај и вредности откако ќе го изгубиш. Признавам друже судија, така беше, јебига…

Како што ви реков, последното пакување на шаторот и останатите партали беше панично и брзинско, ко мењање гуми на Ф1 у бокс на Силверстон, па на багажникот тропаа душеците. Беа разлабавени и како шамари од ветерот на движењето удараа врз покривот. Татко ми бараше пауза да се стегнеме, демек, да се допакуваме ко што треба, мајка ми се’ уште под шок од средбата со нудистите го форсираше велејќи: Вози Томе, само вози и не застанувај те молам… Ќе застанеме, ама што подалеку од овде, ти само вози побргу…! И возеше…Сонцето почна да се крева, а москвичот да загрева. Имавме два правци пред нас, еден за Тиват, друг за Котор. Оној за Тиват нудеше траект, скратување на патот за повеќе од 70 километри избегнувајќи го Которскиот залив, а ние никаде не брзавме, никој не не’ бркаше, побогати за две камперски искуства, решивме да шетаме и свртевме десно накај Котор. Повторно макадам, повторно искачување, повторно серпентини, повторно грч кај патниците, а москвичот стенка во еден ист ритам и една те иста интонација, виу вау виу вау, ко да сакаше да ни каже: „ало, бе, луѓе, одморете ме малку, ќе цркнам…“

Погледот од врвот на оваа патека беше единствен. На едната страна Которскиот залив со градот во подножјето и неверојатно стрмни серпентини до самиот град, а на другата, отворено море, плавиот Јадран се спојуваше со синилото на небото. Хаубата отворена, моско одмара, стариот го стега багажникот, мајка ми ги средува меките работи во задниот багажник, а јас и сестра ми, со кришки лепче намачкани со мармалад, уживавме во двата пејсажи… Поим немавме зошто москвичот нејќеше да запали. Нејќеше ниту да завергла. После цели два часа пробување, наиде камион. Како да знаеше дека ни треба помош, застана, возачот излезе и веднаш се упати кај нас. Шта је Македонци, нече да упали ово Руско чудо? Да бе другар, нејќе. До овде не донесе, и толку, рикна, рече татко ми. Овој го фати ременот кај ладилникот и проба да заврти, цврц. Зарибали сте макину, рече камионџијава. И? И ништо, шлепање до Котор и таму ремонт, ако има сервис и мајстор, а богами, ако има и делови. Поим немавме што е тоа ремонт, зарибан мотор, сервис, делови, ама овој не закачи за камионот со штангла, и лека полека не симна во градот. Му понудија моите пари, не сакаше ниту да помисли да ја пружи раката. Веднаш се насобраа луѓе и секој на свој начин понуди помош…

 

..:: (продолжува) ::..

 

 

      Your email address will not be published. Required fields are marked *

      *

      x

      Прочитај повеќе

      Миле, дај бокалчето…

      Кога ќе осетиш камче у „Нике“ патика или кожна таљанска ципела, прво што праиш застануеш. ...

      Снежана од Пајко маало… (3)

      Само да не го заборавам писмото. Морам да го оставам на видно место. Ене онде, ...

      Снежана од Пајко маало… (2)

      Сите беа против мене. И времето. Стрелките на ѕидниот часовник почнаа брзо да се движат ...