Новости
Дома » Пишува: Мимоза Ристова » Кола и автобус

Тој ден ми се расипа колата. Таксито во тоа време беше отров скапо. Немав друг избор туку веднаш си кинисав кон автобуската станица за да си чекам автобус којшто ќе ме однесе до мојата планирана дестинација. Застанав на автобуската постојка кај Архивот и зедов да се распрашувам за цената на автобуските билети.
– Градски превоз е 25 денари – ми кажа теткицата во црнина, што носеше букетче и торба в раце. Веројатно се беше упатила накај Бутел.
– А кај продаваат карти? Да не е самонаплата, оти јас немам ситно? – продолжив да се информирам.
– Е, карта се купува во некои од трафиките – одговори теткичето.
– А кај е најблиската трафика што ги продава? – продожив да ги прибирам круцијалните информации.
И човекот што доброволно се вклучи во оваа конверзација ми покажа дека треба да се вратам едно 300 метри назад.
– Ама госпоѓо, имате и приватни автобуси. Чинат само десет денари, а ви враќаат кусур ако немате ситно – ме доинформира човекот.
– Фала ви многу.

И додека се думам дали да се вратам назад по карта или да чекам приватник кој ќе ме транспортира до Аеродром за 10 денери и тоа со загарантирано вратен кусур, ете ти, се приближува некаков автобус.
– Овој приватниов оди за Аеродром – ми посочи љубезно финиот човек, кој очигледно беше добро информиран и верзиран во системот на градскиот превоз.

Се качив. Влегов откај шоферот, оти мислев дека таму треба да ги уплатам десетте денари, но наскоро увидов дека сум се зафркнала. Во автобусот постоеше нешто како кондуктер, кон кој се стремеа сите што влегуваа. Кондуктерот беше облечен или поточно соблечен по долна облека, т.е. бугарско маичиште со крупна ребраста плетка, кое беше пожолтено од недоследното перење. Ист таков беше и шоферот. Изгледа дека тоа им беше униформата по која беа препознатливи како бренд во транспортот. Веднаш забележав дека луѓето едноставно даваа пари за возењето, слично како доброволен прилог, а за возврат не добиваа никаков билет. Клунарот со кукест нос и исфрлено нанапред тесно забало, којшто глумеше  улога на кондуктер, од рацете им ги испограба испружените десетки на нововлезените патници. Се доближив до неговата локација и ја испружив петстотката, очекувајќи да ме прекори што немам ситно. Но, тој без збор изброја кусур во облик на стуткани десетки и педесетки.

Така мојот главен стрес, предизвикан од исчекувањето и неизвесноста за исходот за моето плаќање заврши. И, сега веќе почнав да се чувствувам порелаксирано. Стоев и се чувствував како успешен човек, возгорден од првиот чекор кон  завршување на сите мои дневни обврски.

Си мислев и се думав, додека моето его се хранеше од успехот што го пожнеав стекнувајќи се со правото на превоз во овој приватен или прифатен автобус (кој како милува нека чита).

На наредната станица се искачија цел куп нови луѓе со стиснати десетчиња во рацете, и автобусот се исполни, не само со луѓе, туку и со потпазувна смрдеа. Една дебела госпожá, со овчо обликувана ладна ондулација на косата застана веднаш до мене, а се придржуваше за високата рачка. Тогаш концентрацијата на смрдеа во близината на моите нежни ноздри почна експоненцијално да расте. Се подзавртев и дискретно погледнав малку згадено во правецот на новолоцираниот извор на радијација од старо-нова пот, па видов оти госпожата гордо ја експонираше својата потпазувна грмушка.

Се подместив малку подалеку од смрдлата и застанав блиску до покривниот отвор. Додека стоев така, речиси на ножните нокти и со туркање нагоре мачно се обидував да го отворам, за да овозможам циркулација на чист воздух, одненадеж вокално се пројави една друга газлеста теткетина, што чуваше пред себе две преполни торби од пазар.

– Немој жено да отвораш, оти ќе не убие промаја, после кој ќе ми ги плаќа лековите – забревта жената за да ме одврати од намерата.
– Е па, ништо тогаш – се помирив. – Ќе си дишам на уста за да не го користам носот, оти шкрги немам.
– Има ли некој за излеееез – се одра надарениот со клун наместо со нос, кондуктер.
– Има, има, има! – се огласија како ехо повеќемина патници.

А што значело сега ова дерењево во превод, дознав веднаш потоа. Тие што бараа излез, ги симна на околу 20 метри пред станицата, оти нашиот шофер беше видел конкурентски приватник на следната постојка. Тој веднаш беше искалкулирал со помош на временско-брзински релативистички Ајнштајнови ре-лации дека ќе спечали повеќе ако се лиши од качувањето на патниците од оваа постројка, но затоа ќе му ги собере од сите други наредни постројки. И така ќе ја уништи конкуренцијата. И штом ги истресе патниците, нагази за да набие на брзина. Дури и кога тргна имаше еден пубертетлија со едната нога надвор, а другата на скалата од автобусот. И наби мајсторот гас, гас, гас до даска, додека ние се претворивме во жртви на инерцијалните сили во неинерцијален систем. Ни се искривија вратовите. Јас едвај се додржав да не паднам од лудакот што решил да се трка сосе цела толпа стоечки народ.

Откако го престигна и му го собра пред нос капиталот на другион капиталист, во оваа борба на лојалната конкуренција, тој потоа застана на наредната постројка и собра мал милион патници што го преплавија автобусот. Сите се натискавме едни врз други и притоа сите физичко-енергетски бариери беа пробиени. Почнавме да добиваме нови форми за да создадеме еднолична компактна структура, едно колективно густо спакувано тело што се транслира во просторот од една точка во друга. Па така, како резултат на згмечувањето, мојата предница неминовно се прилагоди, и ја доби формата на газот на дебелата тетка (истата онаа што ќе настинеше од промајата). А мојот грб и мојот задник, ееехх, како не можев да ја проценам уште веднаш таа гнасна формација! Во мојот задник се втиснуваше некаква издолжена форма, нешто како краставица преслечена во тексас платно. И верувам, вие погодувате побрзо од мене. А мене ми требаа цели 5 минути. Манијакот позади мене го беше надрвил и ми се беше залепил на задникот. Го осетив дури откако почна неговото долно продолжение да ми се движи, не само според законите на механичкото движење на автобусот туку и според некои чудни осцилаторни движења. Не го ишамарав, но веднаш се тргнав и демонстративно пенетрирав во централниот дел на автобусот, во исчекување овде малку да се подиспразни по наредната постројка.

И навистина, автобусот кон крајните постројки почна нагло да се празни. Никој не влегуваше повеќе. Луѓето само излегуваа. Седнав на столче за да здивнам малку. Кога, автобусот повторно застана, и тоа не на постројка, туку помеѓу, тогаш нашиот шофер излезе со едно железо во форма на буквата “Г”. Мислам дека таквото нешто се нарекува или курбла или хебла, ама не сум сосем сигурна. И отиде со тоа курблата да мава по еден дел од запалениот мотор за да поправи нештото. Откако го исчука доволен број пати, тој се упати кон чешмичката за вода, тука на тротоарот и зема да се мие. Тоа значи дека тој со умисла беше застанал токму тука, за да може да се измие по извршената поправка. Ама, за жал, тој не си ги изми само рацете, туку ја соблече маицата (долната белузлава ребреста облека), се заплакна под мишка, по вратот и по лицето и потоа се врати назад. Само што не заплакав од глетката на ова ненадејно јавно демонстрирање на беспрекорните хигиенски навики на возачот.
– Фала му на Бога што не изврши нужда тука пред нас крај грмушките – си реков и се утешив.

И се симнав со воздишка од олеснување. Од една страна, се чувствував горда што сум прилагодлива – оти можам да ја делам судбината на плепсот и да се возам со приватник; штедлива – оти можам да пропатувам цели 15 километри за само 10 денари. Од друга страна, пак, бев целата засмрдена, понижена и навредена од тоа манијакот со краставицата и згмечена во форма што ја наметнуваат другите. А богами видов и како се поправа автобус со биење и како се бања шофер на чешма. Ама зато стигнав до целта во населбата Аеродром. Браво за мене.

 

      Your email address will not be published. Required fields are marked *

      *

      x

      Прочитај повеќе

      Магијата на сваќата Штрци

      Едно топло саботно утро во летото, 2007 година, во домот на младата Елена Павлова си ...

      Барби и Дибек

      Барбара Лисичкова имаше 36 години кога си го најде “момчето на својот живот”, Стојан, кој ...