Новости
Дома » Колумни » Ауто камп „Црвена главица“ (2)

Прв пат се соочивме со камперската солидарност, хуманитарност и кооперативност. Само што го паркиравме москвичот на местото кое претходно мајка ми го обележала со знаменце, четворицата застанавме да ја разгледуваме и локацијата и околината, а веднаш, со онолкави насмевки не’ пречекаа соседите. Едни потрчаа по столчиња, други ни донесоа ладно овошје, сокови, вода, трети веќе го беа ставиле ѓезвето на плинските решоа и го подготвуваа кафето. Полјаци, Чеси, Словенци, Срби, секакви. Сите се разбиравме. Сите зборуваа со јазикот на искрено добредојде. Дури не ни дозволија сами да се распакуваме, а и во првото поставување на новиот шатор ни помогнаа. Стариот додуша неколку пати ја убедуваше мајка ми да направиме на Чардак или некаде накај Катланово една две проби со местењето на шаторот, не го послушавме, и, гарант ќе утневме некаде ако не беа овие искусни кампери. Сабајлината повторно исто. Првите соседи ги пречекаа моите со готово утринско кафе, и накратко им раскажаа што се’ каде може да се најде во кампот и неговата околина. На крај, секое заминување, секоја разделба завршуваше со топли прегратки со размена на адреси и со кафе од оние кои остануваат. Неверојатно, ама и солзи потекуваа на разделбите. Луѓето за неколку дена стануваа блиски, чиниш цел живот биле заедно…

Мајка ми веќе го беше направила списокот за следното камперско лето. Нашиот примус, например, работеше на шпиритус, и воопшто не беше опрема која ќе може да ги задоволи камперските барања на семејството Трајковски, да се зготви ручек, да се загрее вода за супа, чорба и слично. Ем се погоди неисправно, пушташе оган од сите страни, па ни кафе не можеше да се свари како што треба. Пумпа за душеци обавезно. И јас и стариот паѓавме у несвест после дување во два дупли душеци, мислам, стварно беше заебано толкави душеци да се пумпаат со уста. Јес да и други со уста ги дуваа, ама покрај оние мали гумени пумпи што се газеа со нога, а и не беа скапи, ова беше глупо. И штетно. Имаше тука и други ситници, ама, одма да ви кажам, дека јамболиите беа добредојдени на ова наше прво камперско патешествие, но за тоа во некоја друга епизода…

Веќе после седум осум дена, сите осеќавме дека спласнува енергијата, се губи желбата за останување, другарчињата заминале вчера, нови нема, соседите си одат утре, и некако почнува да збоктисува се’, бараме промена. Не враќање, туку, ново место за нови седум осум дена, нов камп. И бидна, одлуката падна, деветиот ден се пакуваме и одиме на север по јадранска магистрала, кај ќе не стемни ќе бараме камп, па ќе видиме што и како понатаму. Знаете што, никогаш не станале предмет на некаков муабет, математика, пресметка, рачуница, парите. Никад немам слушнато кој било од родителите го поставува прашањето колку пари имаме. Не. И така, москвичот тргна по јадранска магистрала. Неверојатни искуства. Таа магистрала беше исклучително и мислам единствено живописна, спора, ама прекрасна за онакво возење во кое уживавме ние. Споро како пајтон, сигурно како тенк, без ризици, без брзање и непотребни претекнувања, без предизвикувања опасности…

Имавме и туристичка авто карта. Голема. Кога ќе ја отвориш, цела внатрешност на москвичот ја покриваше. Се стемни, а однапред знаеме дека прв камп на патот е некој си авто камп „Црвена главица“. Свртевме лево од магистралата, кон морето, и се спуштавме бајаги долго, додека дојдовме до рампата пред рецепцијата на кампот. Мајка ми отиде да праша дали има место, се врати по десетина минути, и рече дека е во ред, дека ќе може да преноќиме овде па сабајле ќе видиме каква им е плажата и другите услови, па ќе одлучиме дали ќе останеме или не. И бидна. Шаторот го поставуваме тивко, веќе беше доцна а и никаде не се слушаше музика, галама, никој не ни пријде како во оној на Велика плажа. Отпакувавме само тоа што беше неопходно, и така, речиси бесшумно се пикнавме во внатрешноста, се покривме и заспавме…

Тоа будење ќе го паметам цел живот. Мајка ми влезе во шаторот ко да ја брка мечка. Задишана, го спушти патентот до крај и во паника, уплашена, избезумена, од памет извадена почна да вика: Станувај Томе, станувај брзо си одиме од овде, ајде ајде ајде станувајте… Вие, покажуваше накај мене и сестра ми, да не сте мрднале од тука додека не бидеме спремни со татко ви да влезете право во кола, јасно…“ Јасно, ама не е јасно… Што се деси у пичку матер?

Отишла кутрата да купи леб во продавничката, рано рано, кога сите што чекале на шалтерот за леб во колоната, голи ко од мајка родени. Ја измеркале мајка ми, уредно облечена во летен фустан со плави трендафили на него, а таа, се укопала во место, поцрвенела ко косовски божур, се завртела назад и штрафта у шатор…

Татко ми се обвинуваше самиот, од време на време знаеше онака на мајтап да и рече на мајка ми, не си ти крива, требаше да ми текне, мамицу им јебем, ама кој да знае, а убаво и оригинално име му ставиле – Ауто камп „Црвена главица“, јебига… Тоа пакување беше најбрзото собирање на парталите кое мајка ми некогаш го има направено у живот…

 

..:: продолжува ::..

 

      Your email address will not be published. Required fields are marked *

      *

      x

      Прочитај повеќе

      Миле, дај бокалчето…

      Кога ќе осетиш камче у „Нике“ патика или кожна таљанска ципела, прво што праиш застануеш. ...

      Снежана од Пајко маало… (3)

      Само да не го заборавам писмото. Морам да го оставам на видно место. Ене онде, ...

      Снежана од Пајко маало… (2)

      Сите беа против мене. И времето. Стрелките на ѕидниот часовник почнаа брзо да се движат ...